
Нечовечки услови во студентските домови
Бојлерите во котларата на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу, кои содржат околу 5 тони вода протекуваат веќе две години и се уште никој не ги поправа.
Постои опасност од голема штета бидејќи ако се случи посериозен дефект, собите во катовите над котларата може да останат без топла вода и греење и со тоа да продолжат речиси нехуманите услови со кои генерации студенти наназад се справуваат во текот на своето студирање.
Студентите резервирани во искажувањето на своето мислење пред камера, презаситени од лошите услови на кои се навикнуваат секојдневно, но и од причина што се уште се плашат јавно да критикуваат. Оние кои сакаа да дадат изјава сложни се во тоа дека е потребна реконструкција, незадоволни од состојбата во која се наоѓа зградата во чии соби живеат, како и тоалетите.
По еден месец откако беше назначен на функцијата директор на студентските домови, Дарио Николовски во изминатите два дена вели се запознал со состојбата по посетите на домовите при што се сретнал со вработените, но и со студентите. Најавува дека веднаш ќе започне со решавање на проблемите во консултација со оние кои се најзасегнати – студентите.
Иако јавноста веќе долги години добро ја знае состојбата во студентските домови, директорот посочи дека резултатите од анкетата најпрво треба да покажат кои се главните проблеми чие решавање очекуваат студентите. Потоа ќе следи процес на анализа при што ќе може да се определат рокови во кои тие реформи би започнале да се спроведуваат.
Реформите како што истакна Николовски, главно ќе бидат насочени во делот на реконструкција на објектите, подобрување на квалитетот на храната и подигнување на нивото на хигиената.
Петар Догов