
„Не“ за геолошките истражувања на Кожуф
Општина Гевгелија даде негативно мислење на барањето за продолжување на геолошките истражувања на Кожуф. На вчерашната вонредна седница, советниците едногласно кажаа „не“ за барањето за доделување концесија за детални геолошки истражувања на компанијата „Резервоар минералс“. Тие сметаат дека компанијата имала четири години да ги заврши истражувањата и во извршениот теренски увид од страна на Министерството за економија нема суштински причини зошто не е направено тоа, па наместо продолжување, предлагаат еднострано раскинување на договорот за концесија.
На седницата беше присутна и претставничка на „Резервоар минералс“, која смета дека во регионот се води нереална војна против рудниците.
Градоначалникот Сашко Поцков вели дека седницата е транспарентна и побарал соочување на двете спротивставени страни, но ставот на општината и понатаму е непроменет. Тие се отворено против отворање рудници на Кожуф.
Општина Гевгелија смета дека и министерството за економија и Владата треба да го почитуваат нивниот став и даденото негативно мислење за продолжување на концесијата за истражување.
Сузана Мицева