Не се знае точната бројка на деца кои би требало да бидат првачиња, а не се запишани

Министерот за образование се уште не кажува дали за невакцинираните деца ќе се најде место во училишните клупи. Учебната година започна, но од неговото министерство се уште не знаат ниту колку деца не се запишани во прво одделение. За таа бројка ќе почекаат уште неколку недели.

  • Во рамки на месец септември. Училиштето го известува Државниот просветен инспекторат за деца кои би требало да бидат запишани, а не се запишани. До крај на месец септември ќе имаме точна бројка колку деца не се запишани во прво одделение. А, во меѓувреме ние ќе нудиме и теренска вакцинација. Заради тоа, ова прашање во повеќе наврати сме го разгледале и на седница на Влада, изјави денеска Арбер Адеми, Министер за образование и наука.

Летово и здравствените власти се спротивставија на родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата. Заклучно со први јули, здравствените инспектори испратиле 294 покани за порамнување. Само половина од поканетите родители дошле во канцелариите на Инспекторатот.

  • 64 од нив дадоа потврда дека ги вакцинирале децата, а 86 дадоа потврда дека децата се болни или имаат некаква времена контраиндикација да бидат вакцинирани. Против сите останати се поднесени прекршочни пријави, велат од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

На крајот на минатата учебна година, Министерствата за образование и за Здравство не успеваа да се усогласат во толкувањето на Законот за основно образование. Таму во текстот пишува дека основното образование е задолжително, но услов за упис се примените вакцини. Тогаш Владата пресече – невакцинирани првачиња нема да бидат запишани во училиште, се со цел да се зголеми степенот на имунизација.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ