Не се знае кога починале мајката и синот од Велес кои беа пронајдени мртви

Се уште не е утврдено кога точно починале мајката и синот пронајдени мртви во стан во Велес дознава Телма. Обдукцијата не е завршена а токму таа би покажала дали вирусот е присутен од поодамна во земјава. Извори од истрагата за Телма велат дека за да се утврди кога  Катерина и Ванчо Маноилови починале мора предвид да се земаат и условите во кои престојувале телата.

Тие беа пронајдени во нивниот стан после пријава од соседите поради тоа што се ширела ужасна миризба, а телата биле во фаза на распаѓање. И покрај тврдењата на соседите дека не ги виделе од јануари, не е иклучена можноста тие да починале многу подоцна.

Вчера пак министерот за здравство Венко Филипче потврди дека кај примерок земен од жената е пронајдено присуство на ковид 19. Сите со кои разговараше телма ја исклучуваат можноста примерокот да бил контаминиран при неговото земање транспорт или пак обработката.

Ова го отвори прашањето од кога е присутен вирусот во земјава, но и колку време тој може да опстојува кај починатите. Дел од познавачите го споредуваат со еболата која може да опстои и седум денови кај мртвите и во тој период може и да се зарази, а десет недели по смртта бил детектиран генетски материјал од ебола.

Малите сипаници пак живеат со години посмртно. Директорот на институтот за јавно здравје Шабан Мемети вели дека ќе ги чекаат сите потребни податоци за овој случај, по што ќе истражуваат од кога бил присутен Ковид 19 кај жената но и колку време може да опстои.

И Министерот за здравство венко Филипче истакна дека по завршување на корона кризата ќе се истражуваат ваквите и слични случаи.

Инаку ова не е прв случај во кој посмртно е утврдено присуство на вирусот Ковид 19. Таков беше случајот кај првата почината пациентка во земјава кај која првите два теста беа негативни, а дури кај примерокот земен по смртта беше утврдено присуството на вирусот.

Пред една недела беше пронајден и мртов маж во стан во Кавадарци за кој не се знае кога починал, а кај кој исто така посмртно тестовите на корона излегоа позитивни. За експертите ова е само нов предизвик за истражување на вирусот кој е нов и непознат.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ