
Не се знае изворот на Хепатит Ц во штипската болница
Ниту координираниот вонреден инспекциски надзор на тимовите на Инститот за јавно здарвје и на Државниот санитарен и здравствен инспекторат не го дадоа одговорот кој е изворот и како 11-те поранешни пациенти на штипска ортопедија се заразиле од вирусот Хепатит Ц. Епидемиолозите и инспекторите поминаа цел ден во болницата, а по завршената работа до медиумите испратија писмено соопштение, во кое се вели дека на болницата се дадени насоки како понатаму да постапува.
Во однос на бројот на пријавени заболени со Хепатит Ц не се регистрирани нови случаи. За сите понатамошни активности се дадени препораки, како и за резултатите од дијагностичките постапки кај пациетите кој се во тек во релевантни институции, ќе бидете информирани дополнително од страна на Министерството, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје,
се вели во соопштението од ДСЗИ.
Врз основа на епидемилошките анкети ќе се прави аналитичка студија што треба да открие како 11-те пациенти се заразиле со вирусот Хепатит Ц. Заболените се од различни градови од источниот регион и не биле подложени на исти процедури.
Сосема е друг случајот на седумте пациенти заболени од Хепатит Б, кои се откриени откако болницата од 1 септември почна да ги применува предоперативни тестови за пациентите. На овој начин болницата успеа да се заштити, но и да им укаже на пациентите дека пред да бидат хоспитализирани биле заразени со жолтица од типот Б.
Викторија Димитрова Јованова