Не се разгледува уставноста на указите на Иванов од 25 февруари

Само кршење на Уставот или кривично дело е одлуката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов указите од 25 февруари за унапредувања и поставувања во Армијата да ги потпиша со неважечко уставно име на државата, а кои како такви беа објавени во Службен весник и потоа по нив беше постапено.

По овие укази на Иванов, освен што Антикорупциска пред три месеци ги прогласи за незаконски бидејќи беа објавени во изборен период, досега не постапиле други институции во чија надлежност е постапувањето на претседателот или на службените и одговорните лица.

Указите го покренаа прашањето за нивната уставност и преседанот кој е направен со постапување по укази со неуставно име.

Според член 87 од Уставот, претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности.

„Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии“, е наведено во Уставот.

Но со оглед дека Иванов веќе не е претседател, Собранието и Уставниот суд веќе немаат надлежност врз него.

Професорот Светомир Шкариќ пак во текст за академскиот блог РесПублика на тема политичка и кривична одговорност на претседател на државата неодамна напиша дека дека кога се во прашање шефови на држави, кривичните дела имаат поголема тежина од тежината  на кривичните дела извршени од други субјекти. Тој притоа наведува дека по правило, претседателите кривично не се гонат додека се на функција, туку дека нивното гонење започнува кога стануваат приватни лица, кога го губат правото  на имунитет, при што наведува неколку примери за тоа меѓу кои и на Никола Саркози во Франција.

Одлуката на Иванов да потпише укази со неуставно име, според кривичарите кои ги консултираше Телма, може да подлежи под член 353 од Кривичниот законик за несовесно постапување во службата.

„Службено лице или одговорно лице кое со повреда на законските прописи… или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“, Кривичен законик на Македонија.

Од Јавното обвинителство денеска не добивме одговор дали е покрената постапка за утврдување на одговорност од страна на Иванов со указите од 25 февруари.

Инаку указите на Иванов предизавикаа поместувања по командни и формациски позиции во АРМ, унапредување по чин, што предизвика и финансиски импликации врз буџетот на Одбраната. Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски за дел од указите на Иванов издаде нови укази, освен за указот на унапредувањето по чин на началникот на генералшатабот, за што како што информираа од Кабинетот на Пендаровски во моментов не постои законска можност за повлекување.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ