Не поминаа законите за дивоградбите, казината и застарувањето на долговите

Граѓаните нема да можат да си ги легализираат дивоградбите, долговите постари од 10 години нема да застарат, а казината и обложувалниците ќе си останат блиску до училиштата и градинките. Три важни закони од кои дел се граѓански иницијативи, Собранието вчера во трката со времето пред самораспуштање не успеа да ги донесе. Законот за легализација на бесправно изградените објекти остана блокиран со илјадници амандмани. Тој пак со кој казината и обложувалниците требаше да се дислоцираат на три километри подалеку од населени места, не стигна до гласање пред пратениците. А измените во законот за облигациони односи, поднесени од пратеникот Самка Ибраимоски, и покрај апелите и од него и од невладината „Стоп за извршители“, исто не помина.

За жал не успеав законот што го предложив за облигациони односи во делот на застарувањето на долговите да се изгласа поради други закони кои беа на дневен ред пред распуштање на Собранието. Сепак со ваша поддршка на изборите на 12-ти Април, прво што ќе направам е тоа да овој предлог закон повторно го предложам и да се изгласа за да вие почитувани граѓани се спасите од ропството на извршителите вашите сметки да не бидат повеќе блокирани- напиша Ибраимоски на Фејсбук.

Од здружението „Антикоцкање“ пак и викендов апелираа до пратениците да ги поддржат измените на Законот за игри на среќа, поднесени од пратеници од ДУИ, за дислокација на казината и обложувалниците 3 километри надвор од населени места. Последниот апел го пратија во саботата кога се случија два грабежи на казина од кој во едниот во казиното „Вегас“ беа убиени две лица. Од асоцијацијата на обложувалници пак алармираа дека со вакво законско решени близу 8.000 лица ќе останат без работа, а државата би изгубила околу 250 милиони евра во буџетот.

Претходно власта и опозицијата водеа битка во парламентот за легализацијата на дивоградбите. Власта обвинуваше дека опозицијата намерно го блокира, а со тоа околу 100.000 граѓани не ќе можат да си ги легализираат дивоградбите. Опозицијата пак обввини власта тера предизборна кампања со законот кој тврдеше дека се носи наменски за одредени моќници од власта. На собрание не помина ниту отписот на каматите на долговите на јавните претпријатија кој заглави во илјадници амандмани. Трите законски решенија, ќе го чекаат идниот парламентарен состав после изборите, доколку има политичка волја да бидат донесени.

Александра Филиповска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ