
Беџети: Не гледам дека некаде се уриваат дивоградби па јас да уривам – не може да правам самоволие
Дивите платформи на Матка се уште се тука. И по речиси една година надлежните за нивно уривање уште си ја префрлаат топката. На терен нема никаква активност од никого.
Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети вели не ги уривал, бидејќи ниту другите градоначалници не ги уривале дивоградбите. Тој денеска се повика на надлежните институции од каде тврди дека имал одговор дека додека не завршат правните постапки не може да урива, оти во спротивно ќе правел самоволие.
„Јас сум ги известил сите надлежни институции до каде е постапката и како постапуваме. Се надевам дека може во кое било време Министерството за транспорт и врски и сите други институции да не повикаат сите општини и да ги разгледаме. Не гледам дека рушат некаде додека не завршиле правните постапки. И таков одговор имам од надлежни институции. Не можам самоволие да правам јас“- вели Беџети.
Прашан пак дали ќе ги легализира, Беџети тврди ќе постапува согласно законите.
„Се разбира согласно законските прописи како за сите случаи така и за тие ќе се постапува. Не се сопственост на општината па јас да ги легализирам. Не знам дали ќе има барање не знам дали ќе ги исполнуваат условите. Јас колку што знам во државава има многу такви објекти, а најпроблематично има и градови кои се под УНЕСКО. И се разбира законодавецот не случајно по не знам кој пат го менува законот за легализација“- вели Беџети.
Антикорупциска пред пет месеци побара од Обвинителството да покрене кривична постапка за Беџети. Истрагата на антикорупционерите покажала дека градоначалнкот на Сарај знаел дека не може да легализира монтажни објекти, но документацијата ја чувал во фиока. И наместо да ги одбие барањата, молчел со месеци. Од Обвинителство не добивме одговор до каде е постапката, а од антикорупциска велат дека обвинителството ги информирало дека работат на предметот и се уште чекаат податоци од институциите.
За дивите платформи се скараа и надлежните. Сугарески се закани дека ако Сарај не ги урне, ќе ги уриваат Државните градежни инспектори.Скопскиот градоначалник Шилегов го повика Беџети да си ја работи работата за која што е избран од граѓаните, на што пак Беџети му одговори да си ги гледа своите надлежности.
И покрај сите „закани“ за уривање, по речиси една година платформите изградени без дозвола за градба, си останаа на место.
Александра Филиповска