НБРМ: Македонската економија годинава ќе падне 3,5 проценти, ако има втор бран уште 2,3 проценти

Пад на Бруто-домашниот производ од 3,5 проценти годинава со ризик тој да биде поголем за уште 2,3 проценти ако има нов бран на здравствената криза и ако странската побарувачка падне двојно од проектираното.

Ова се најновите макроекономски предвидувања на Народната банка за годинава, кои според гувернерката Бежоска се целосно редефинирани поради паднемијата со вирусот Ковид 19.

Се очекува пад на личната потрошувачка од четири проценти, на бруто инвестциите од 10 проценти, на извозот 17 и кај увозот 15 проценти, а раст ќе има само кај јавната потрошувачка.

Закрепнување на економијата се предвидува до година, за кога е проектиран раст на БДП од 4,7 проценти.

„Во случај на материјализација на некои од овие ризици можно е потенцијално отстапување од проекцијата во сите сегменти, вклучително и поголем пад на БДП. Симулација на двојно подлабок пад на странската ефективна побарувачка во 2020 година односно пад од 10 %(наспроти 5) би довела до подлабок пад на БДП за 2,3% споредено со основната проекција, при понагласени неповолни ефекти врз извозот и инвестициската побарувачка“- изјави Анита Ангеловска – Бежоска, гувернер на НБРМ

Централната банка очекува и  пад за 20 проценти и кај парите кои печалбарите ги испраќаат во земјава.

Инфлацијата ќе се намали на околу нулата. А ќе расте и јавниот долг на земјава, кој заклучно со првиот квартал достигна 50,7 проценти од БДП.

„ Сето ова на краток рок како кај нас така и кај сите останати економии ќе значи нагорен притисок врз јавниот долг. Прелиминарно ако ги земиме проценките на ММФ тие очекуваат нивото на јавен долг да се зголеми оваа година во просек за 5 проценти. Слични се и нашите оценки како централна банка, меѓутоа би споменала дека ова се прелиминарни проценки, а подобри согледувања би имале кога ќе се направи ребаланс на буџетот – рече Анита Ангеловска – Бежоска, гувернер на НБРМ.

Бежоска рече и дека  имало интервенции и на девизниот пазар за да се задржи стабилноста на денарот.

Државните резерви се намалени за 113 милиони евра и во моментов изнесуваат 3,15 милијарди евра што според неа е сосема адекватно ниво.

Најновите прокции на централната банка се слични со оние на Владата, која прогнозираше пад на економијата од 3,4 проценти годинава, но се далеку од предвидувањата пред кризата кога се очекуваше домашната економија да порасне 3,8 проценти.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ