НБРМ ја намали понудата на благајнички записи за да се ослободат пари за економијата

Народната банка  го намали износот на благајничките записи кои банките можат да ги запишат кај централната банка, со цел, со ослободените средства да се поттикне кредитната активност на банкарскиот систем и да се овозможи натамошна поддршка за македонската економија.

На аукцијата што ќе се одржи задутре понудата на благајничките записи ќе се намали за 8 милијарди денари (130 милиони евра) во однос на достасаниот износ и ќе се понудат 17 милијарди денари (276 милиони евра) по каматна стапка од 1,75 проценти. Од НБРМ велат дека со преземените мерки до сега се ослободува дополнителна ликвидност и се дава поддршка на кредитирањето на најпогодените сектори во економијата.

„Средствата ослободени со намалената понуда кај благајничките записи, се очекува да придонесат за натамошна поддршка на економијата, преку одржување на кредитните текови и кредитниот циклус на банкарскиот систем. Мерките следуваат по намалувањето на основната каматна стапка, регулаторните измени за поголема флексибилност и со нив им се остава поголем простор на банките да се фокусираат на процесот на кредитирање на најпогодените сектори во економијата.“, стои во соопштението на НБРМ.

Според НБРМ, домашната економија е со стабилни текови, но неизвесноста од идните макроекономски ефекти од пандемијата на ковид-19 е голема. Податоците за јануари-февруари 2020 година упатуваат на продолжување на растот во првиот квартал од годината, но ризиците за следниот период се неповолни.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ