НБРМ: Да се подобри наплатата на приходите

Народна банка на Македонија не може да и се меша на Владата околу даночната политика, нејзино право, но и одговорност пред граѓаните е дали ќе воведе или не прогресивен данок, но препорака на монетарната власт е дека има простор да се подобри наплатата на приходите, првично преку зафаќање на сивата економија, даноци да плаќаат и оние кои сега тоа го избегнуваат. Ова е оценката на гувернерот Димиар Богов, дадена денеска на седмата годишна истражувачка конференција во Охрид, посветена на заздравувањето на светската економија десет години по големата економска криза.

„Можеме да сугерираме дека во земјите од регионот, каде што сивата економија е прилично висока, и голем дел од економските активности не се оданочени, има голем простор да се подобрат јавните финансии, преку зафаќање од оние кои сега не плаќаат даноци„, рече гувернерот Димитар Богов.

Според него, монетарната политика соодветно ќе се прилагоди на секоја фискална политика, и доколку таа е поконзервативна, тогаш има простор монетарната политика да биде полабава.

Европа се подготвува да им каже добредојде на повисоките каматни стапки, Европската централна банка ќе ги задржи ниските камати до крајот на годинава, но од почетокот на идната година ќе стартува со нивно зголемување. Ние тоа ќе го следиме и соодветно ќе ја прилагодуваме нашата монетарна политика, најавува Богов.

Како темен облак кој може да се надвисне над светската економија е можната нова трговска војна во светот, тоа би можело да ги замагли изгледите за повисок економски раст.

„Заради зголемување на увозните цени може да дојде до недоверба на потрошувачите и инвеститорите и до лоша состојба на пазарот на капитал. На долг рок тоа може да влијае негативно и врз растот на производството“, кажа Јан Сметс – гувернер на Централна банка на Белгија.

„Во последнава година добрата вест е дека растот е поголем од очекуваниот, а тоа е затоа што глобалната трговија почна да се засилува, но доколку таа почне да забавува, тогаш овие позитивни изгледи и забрзано заздравување ќе се намалат“, кажа Бас Бејкер – ММФ Регионална канцеларија за Централна и источна Европа

Десетина години по големата економска криза, генералната оценка е дека глобалната економија добро закрепнува, но светот мора да биде подготвен за предизвиците што претстојат, а земјите треба да работат на зајакнување на нивната продуктивност и конкурентност.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ