НБМ ја намали основната камата, ќе паднат ли и каматите на банките?!

Ќе паѓаат ли каматите на кредитите кај домашните банки?!Централната банка даде сигнал, ја спушти основната каматна стапкна на најниско ниво до сега, на 2 проценти. Но, дали и колку тоа ќе ги стимулира банките да ги спуштат каматите на кредитите кои иако паѓаат сепак се уште се далеку повисоки од европските. Експертите не очекуват драстично намалување, туку да продолжи трендот на пад како изминативе години.

Во еден поголем период сега веќе и од неколку години забележуваме намалување на каматните стапки и на кредитите и на депозитите, значи и на страната и на активата и на пасивата што секако во одреден дел е водено и од овие сигнали кој ги дава Централната банка меѓутоа генерелно е рефлексија и на намалените ризици и перцепцијата за намалување на ризиците во економијата. Не очекувам дека може да се случува нешто драматично, очекувам дека трендот кој што го гледаме да продолжи веројатно со некоја слична динамика, вели професорот Марјан Петрески.

Банките пак велат ги следат сигналите. Од НЛБ очекуваат трендот на пад на каматите на кредитите, но и на депозитите да продолжи и годинава. Од Охридска банка пак велат дека при дефинирањето на каматните стапки се водат од повеќе фактори, не само намалувањето на основната камата на Народната банка.

Од централната банка пак очекуваат банките да ги следат нивните сигнали.

Од завршницата на 2016 година кога основната каматна стапка на Народната банка изнесуваше 4%, до крајот на минатата година, кумулативното намалување изнесува 1,75 п.п. Во истиот период, вкупната активна каматна стапка на деловните банки забележа намалување со сличен интензитет.

Податоците покажуваат дека домашните банки за девет месеци од годинава имале ќар од 94 милиони евра. Во истиот период наплатиле 235 милиони евра од камати, од кои 120 милиони за кредити дадени на граѓаните. Просечните камати пак за кредитите на домаќинствата се 5,8 проценти, додека тие на депозитите се само 1,5 процент.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ