НБМ децидна: Курсот е и ќе остане стабилен и по референдумот

Кусрот на денарот е и ќе остане стабилен и после референдумот. Народна банка децидно одговори на вчера изнесеното предупредување од првиот човек на Советот за странски инвеститори, Штефан Петер, дека ако референдумот пропадне, би можела да биде нарушена стабилноста на домашната валута на долг рок. Централната банка е надлежна за монетарната политика, пишуваат оттаму. Оваа институција цврсто стои на ставот дека постојниот режим на девизниот курс е оптимален, а стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и финансиската стабилност.

  • Нема причини, ниту пак каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи кои би можеле да создаваат притисок врз домашната валута, ниту има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво“, велат од НБМ.

Девизните резерви, велат, постојано се одржуваат на високо ниво, што создава простор да се реагира на евентуални притисоци и силен капацитет за одржување на стабилноста на домашната валута. Стабилни се и домашните банки, тврдат монетарните власти.

  • Тековниот контекст во државата воопшто не треба да се поврзува со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем. И едниот и другиот сегмент се исклучително здрави и отпорни, и не постојат рационални причини за разнишување на довербата и на тековно позитивните очекувања“, велат од централната банка.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека изјавите што се даваат од одредени кругови на неколку дена пред референдумот, треба да се земат со резерва.

  • Изјавата на претседателот на Советот на странски инвеститори не беше потребно толку да биде форсирана, бидејќи негативниот исход од референдумот ќе предизвика многу посериозни последици од инфлацијата. Затоа, нема потреба тоа толку да се истакнува, бидејќи, објективно, нме може да е во толку директна корелација спиралата на инфлацијата со исходот на референдумот, и тоа веднаш да предизвика такви последици“, вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека е сигурен оти референдумот ќе успее, и затоа смета дека засега никаква закана за стабилноста на валутата. Според него, денарот е стабилен, НБМ и банките се силни, а неупспешноста на референдумот нема да значи девалвација на денарот.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ