Навивачка еуфорија на улиците на Загреб

Словенија на колена. Најдоброто можно сценарио за секој македонски навивач и најубавата награда за оние кои допатуваа во Загреб да ја бодрат репрезентацијата. Победа на стартот против фаворитот беше она што сите го посакуваа а многумина и очекуваа.

Борбата на трибините беше жестока и исцрпувачка како и онаа на паркетот.

„Ел команданте“ и неговите избраници десет минути ја славеа победата со навивачите, внатре во салата. Еуфоријата го достигна врвот. Македонските навивачи се во делириум, додека словенските полека и тивко ја напуштаат салата.

Две и пол илјади грла ечат во загребската Арена. Расположението е видливо на лицата. Прегрнати и насмеани навивачите полека ја напуштаат салата. Славјето продолжува во подтрибинскиот простор и пред Арената.

Сите велат дека биле убедени во победа против Словенија. Добриот пласман веќе ни е на дофат.
Славјето продолжи на улиците на Загреб. Сирентите на автомобилите со македонски навивачи одекнуваа по загребските улици. Песната се слуша низ околу Арената и во центарот на градот. Забавата продолжи во фан зоната. Меѓу стотиците навивачи се и скопскиот градоначалник и раководството на ракометната федерација. Веќе засипнатите грла го следеа ритамот на навивачките песни а победата се славеше до доцна во ноќта со музика и многу пиво.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ