НАТО задоволно од реформите, но очекува и целосна имплементација на Договорот од Преспа

НАТО е задоволно од текот на реформите на безбедносниот и одбранбениот сектор кои целосно треба да ја интегрираат македонската армија во структурите на Алијансата, брифираат високи претставници на НАТО на првиот ден од министерскиот состанок на Алијансата. Според нив клучно за целосна интеграциија на Макеоднија во НАТО е и целосно спроведување на Договорот од Преспа. Истовремено министерката за одбрана Радмила Шекеринска е убедена дека на состанокот за последне пат учествува како поканета, а не како полноправна членка.

 “Денеска ја добивме веста дека шпанскиот парламент ја прифати брзата трака за ратификација на нашиот протокол. Тоа значи дека навистина нашето членство во НАТО е прашање на денови, а не веќе на месеци или недели”, изјави Шекеринска.

НАТО, како што информираат претставници на Алијансата, пак очекува земјава да ги пополни и предвидените места за неа во командната структура на НАТО. За Македонија се предвидени 20 командни позиции од кои една е генералска и како што дознава Телма од извори од одбраната, предвидено е оваа година да се пополнат осум од нив, а сите 20 до 2022 година.

Дека Алијансата и нејзините членки се подготвуваат за полноправното членство на змејава, информираше и Шекеринска најавувајќи дека денеска со британскиот колега ќе го потпишат Договорот за одбранбена соработка, со кој соработката во одбраната ќе се подогне на ниво на две земји сојузнички.

Шекеринска за темата на министерскиот состанок на НАТО – мисиите во Авганистан и Ирак и можноста Македонија да го зголеми своето присуство во Авганистан, вели дека  земјата за тоа е подготвена уште од 2018 година.

“Заедно со членките на Јадранската повелба разговаравме и околу нашето испраќање на офицери во Ирак како дел од тренинг мисијата. Меѓутоа сега она што е клучно е прво да се види кој е ставот и кои се плановите на НАТО, а ние како земја која што сме придонеле многу во делот на НАТО-мисиите ја оставаме отворена можноста и секојпат ја нудиме шансата да го зголемиме нашето учетво во овој тежок регион”, изјави Шекеринска.

Земјава во моментов во НАТО-мисијата во Авганистан учествува со 47 војници, но има има капацитет и обезбедено средства за поголемо учество.

Од Брисел јавува, Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ