
НАТО испрати документ до Владата со насоките за прием во Алијансата
Алијансата во официјален документ од 18 страници испратен на почетокот на август од генералниот секретар Јенс Столтенберг ги наведе упатствата неопходни за членство, доколку се спроведе договорот со Грција.
Високи владини извори за Телма велат дека станува збор за стандардна процедура и документ кој претходно го добиле сите држави, откако биле повикани за членство во Алијансата.
Единствена разлика е што во документот испратен до македонската Влада договорот со Грција се наведува како единствен услов, додека сите останати поглавја се водат како стандарди и критериуми неопходни за влез во НАТО со формулација „да се продолжи“.
Според нашите извори пристапните разговори ќе почнат во октомври по завршувањето на раферендумот, ќе траат до крајот на годината и ќе бидат интензивни. На овие средби ќе треба да се презентира што е постигнато во наведените пет поглавја и што е планирано да се превземе во наредната 2019 година.
Во документот испратен од генералниот секретар Столтенберг се наведени конкретни реформи кои треба да се превземат во пет поглавја, политика и економија, одбрана, безбедност, владеење на право и Буџет за Армијата.
Продолжување на реформите во судството и зголемување на отчетноста и надзорот над разузнавачките и безбедносните служби се само дел од критериумите кои мора да се исполнат.
Разбирливо, реформи во одбраната и безбедноста се во фокусот на овој документ. Од Македонија се бара да се осигура дека нема да има уставни или законски ограничувања што би можеле да ги попречат колективните одбранбени операции, а министерството за одбрана да продолжи со плановите за реструктуирање и модернизација на армијата за да се постигнат планираните воени капацитети и да се развиваат расположливи и одржливи сили способни да придонесат на мисиите на Алијансата.
Петото поглавје конкретно се однесува на Буџетот со кој ќе располага АРМ кој е неопходен за модернизирање на силите како и планот како да се стигне до границата од 2 отсто од БДП за одбраната кој е поставен како минимален услов за сите држави членки на НАТО.
Македонија ја доби поканата за членство во Алијансата на почетокот на минатиот месец а според постоечките процедури, и доколку се исполни условот – Договорот со Грција и уставните измени, на прием би се чекало најмалку уште една година бидејќи е потребна ратификација во парламентите на државите членки.
Огнен Чанчаревиќ