
НАТО го потпиша Протокол за членство на Македонија
„Нашето патување не е завршено, очекуваме парламентите на нашите 29 сојузници да го потпишат Протоколот, но што е важно за нас е дека никогаш повторно нема да чекориме сами“. Со овие зборови шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, го поздрави денешното потпишување на протоколот за членство на Македонија во НАТО од амбасадорите на 29-те земји-членки на Алијансата на церемонија во Брисел.
Димитров вети продолжување на реформите во земјава.
„Ветувам наша посветеност да продолжиме со она што го ветивме, да продолжиме со реформите во владеењето на правото, но и во делот на реформите на разузнавањето и модернизација на одбраната. Една земја е силна колку што и е силна армијата, колку што и се функционални и здрави демократските институции и силна колку што има блиски пријатели“, порача Димитров од седиштето на НАТО.
Димитров не очекува препереки во процесот на ратификација на протоколот во змејите-членки.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потпишувањето на протоколот го оцени како историски ден за идната Република Северна Македонија, но и ден за гордост на сите во НАТО.
„Со нетрпение очекувам да видам 30 сојузнички знамиња како се виорат пред седиштетот на НАТО“, рече Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Столтенберг напомена дека откако сите членки ќе го ратификуваат протоколот Скопје ќе стане 30-та членка, дотогаш земјава е поканета да учествува во работата на Алијансата, но без право на глас.
„Вашето пристапување ќе донесе поголема стабилност на Западниот Балкан. Тоа е добро за регионот и за евро-атлантската сигурност. Од денеска вашата земја е поканета да учествува на состаноците на НАТО“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Прва која ќе седне на столчето наменето за Македонија во НАТО е министерката за одбрана Радмила Шекеринска и тоа уште идната недела, кога ќе учествува на министерскиот состанок на Алијансата. Македонскиот премиер за првпат ќе седне тркалезната маса на НАТО со своите сојузници на Самитот на НАТО во декември во Лондон.
Шекеринска денешниот ден го оцени голем велејќи дека Македонија е добра вест во Европа.
„Македонија веќе не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на Европскиот континент. Безбедноста на нашите граници повеќе не ја гарантираме само ние, туку ја гарантира и Сојузот, што неминовно носи зголемена безбедност во земјата“, изјави Шекериска.
Потпишувањето во Протоколот за членство на Македонија се одвиваше денеска во седиштетот на НАТО кога амбасадорите на земјите-членки, еден по еден, го потпишаа документот. Водејќи се по азбучен ред прв потпис стави амбасадорот на Албанија, а последен амбасадорката на САД, која пред почетокот на средбата лично на Димитров му посака добредојде во име на САД, велејќи дека ова е голем ден. Пред потпишувањето пред амбасадорите се обратија и Столтенберг и Димитров. Генералниот секретар притоа рече дека ова е историска момент и оти НАТО долго чекало на членството на Македонија, во период во кој земјата активно придонесувала со учество во мисиите на Алијансата. За Столтенберг патот до днешениот ден не бил лесен, туку исполнет со предизвици, и тешки компромиси, но тоа дало свој резултат.
Димитров од своја страна рече дека патот до членството беше долг пат со што ќе се исполни најголема стратешка цел на земјата усвоена со одлука на Собранието на 23 демекври 1993 на чие исполнување работеле многу генерации, а што за Македонија значи безбедност, сигурност, демократски вредности.
Тамара Грнчароска