
НАТО дебата: Мнозинството од младите во Македонија сакаат евроатлантска иднина
Напаѓањето на државната стратешка цел за членство во НАТО без понуда на соодветна алтернатива за глобалните предизвици е неодговорно однесување, смета министерката за одбрана Шекеринска. На дебатата за Нато интеграцијата Шекеринска истакна дека подобра шанса за младите генерации кои искрено посакуваат демократски промени нема да постои. Затоа критиките се добредојдени, но одговорноста кон државата не смее да се избегне.
Демократските вредности кои ги промовира Алијансата се најмногу посакувани од младите генерации во Македонија и токму тие според НАТО координаторот Пендаровски во големо мнозинство ќе гласаат За, но мора да се мотивираат повеќе за да излезат на денот на референдумот.
Собранискиот спикер Талат Џафери на денешната дебата истакна дека Договорот од Преспа ќе биде прифатен од граѓаните без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност.
Горазд Бартол, од НАТО канцеларијата во Скопје дополни дека сите 28 членки на НАТО упатиле силна порака дека ја посакуваат Македонија во нивниот клуб. Со обезбедување на стабилноста членството во НАТО ќе допринесе и за економски прогрес и инвестиции, заклучија учесниците на дебатата.
Христијан Станоевиќ