
Наставниците утре нема да држат часови, министерот вели нема потреба од штрајк
Вчерашниот телефонски разговор меѓу Владата и СОНК не вроди со плод. Од СОНК остануваат на ставот за најавениот штрајк утре на првиот школски ден, зашто како што велат, не се задоволни од покачувањето на платите од 5 % овој месец, туку бараат тие да се зголемат до 25%, како што пораснала минималната плата на национално ниво, во последниве години.
- Нас државата ни должи уште одреден број проценти до 25%. Тоа е она што ни следува и ние го бараме само тоа што ни следува. Ништо повеќе., изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Наставниците и професорите-членови на СОНК и оние кои сакаат да му се придружат на штрајкот, а не се дел од членството на Синдикатот, утре ќе бидат во училиштата, но во засебна просторија, без да ги извршуваат обрските и да примаат ученици, вели претседателот на СОНК. Тој се пожали дека почнале притисоци по телефон врз наставниците за прифаќање на првачињата и дека доколку најдат материјални докази за тоа, ќе следуваат кривични пријави. Неделков апелираше родителите да не ги носат децата утре на училиште, за да им се приклучат во борбата за социјални права и отфрли секаква одговорност на СОНК, доколку се случи некаков инцидент по безбедноста и здравјето на учениците.
- Иако СОНК за утре најави предупредувачки протест поради незадоволството на вработените во образованието од одлуката на МОН, да им ги покачи платите од овој месец за 5 %, а не за 25%, колку што бараат тие, при нашата денешна обиколка на неколку основни и средни училишта во градот, наидовме на соопштенија, во кои се вели дека професорите и наставниците утре ќе ги дочекаат и првачињата и останатите ученици.
Таков е случајот со гимназиите „ Орце Николов“ и “ Никола Карев“ и со ОУ „ Петар Поп Арсов“ во населбата Карпош 4. А, во ОУ „ Браќа Миладиновци“ ,во Аеродром, според истакнатото соопштение, ќе се примаат само првоодделенците. Министерот за образование Адеми, денеска на прес конференција праша, зошто се организира штрајк, кога платите во образованието од лани во август до овој септември, со новите 5%, се покачени за вкупно 10, 8 % ?
- Кога се организирало штрајк , кога имало одлука за покачување на платите. Кога ? Јас не се сеќавам. Нема причина, нема потреба да се организира штрајк, вели министерот Адеми.
Адеми апелира наставниците, родителите и учениците утре да одат во училиштата. Тој најави и ново зголемување на платите во иднина, откако ќе се пресметаат параметрите, согласно усвоениот Закон за наставници и стручни соработници, кој предвидува напредување во кариерата. Министерот рече дека продолжува дијалогот со СОНК. А, од Синдикатот најавија генерален штрајк, доколку во септември не се договорат со Владата за повисоки плати.
Сотир Трајков