Наредната недела обвинение за 27-ми април- доцни одлуката за притвор на пратениците и на Чавков

Врховниот суд уште не ги објавува одлуките дали ќе ги прифати жалбите на осомничените за 27-ми април и ќе им го укине притворот, иако законскиот рок за одлучување измина вчера попладне.

Адвокатите Игор Кичеец и Александар Новаковски кои ги застапуваат притворените пратеници Мукоски и Василевски за Телма потврдија дека до попладнево не добиле никакво писмено известување ниту пак знаат зошто е пречекорен рокот од 48 часа за одлука.

На сајтот на Врховниот суд не е објавена никаква одлука за притворот, а на нашите повици не одговори ниту претседателот на судот Јово Вангеловски.

Од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврдија дека подготовката на обвинителниот предлог за кравиот четврток е пред крај и дека планираат да го поднесат обвинението во текот на наредната недела.

На списокот осомничени остануваат 35-мина, меѓу нив има и пратеници, организатори на протестите, припадници на МВР и на УБК.

На почетокот на истрагата сите добија кривична пријава за дело “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а од обвинителството не откриваат дали сите ќе добијат обвинение за тоа дело, поради учеството во крвавите инциденти на 27-ми април во Собранието.

На дел од осомничените кои се во притвор во Шутка пред неколку месеци им се откриени мобилни телефони во рација на затворската полиција. Сите телефони се дадени на вештачење, а досега до обвинителството е испратено само едно завршено вештачење на еден телефон од притворените.

Извори од истрагата велат дека немало драматични откритија со тоа вештачење, бидејќи мобилниот телефон го користеле повеќе притвореници од иста ќелија и контактирале со свои блиски.

Но на Дојче веле вчера беше објавена информација дека и преку тие мобилни телефони истрагата открила комуникација поврзана со настаните од 27-ми април.

Адвокатите со кои денеска контактираше Телма тврдат дека досега не добиле известување од судот или од затворот дека се одземени телефони од нивните притворени клиенти.

 

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ