Наместо во институција напуштените бебиња во Битола отсега ќе се сместуваат во групни домови

Домот за доенчиња во Битола заминува во историјата.

Оваа единствена  установа  каде се згрижуваа  бебиња напуштени од родителите, сега се трансформира.

Ќе има  5 мали групни домови, каде ќе бидат сместени од 4 до 6 деца на возраст од 0 до 3 години. 

Првиот беше отворен денес, а  секој  има капацитет да згрижи нови бебиња кои потоа ќе одат на посвојување.

-Кога стапив на функцијата министер имавме околу 60 деца, голем дел отидоа во згрижувачки семејства, друг дел беа ставени на посвојување, а не знаеме зошто чекале .И  третата група која се уште може да биде посвоена, тие 27 деца се сместени во мали групни домови во Битола, изјави Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика.

Проектот за трансформација на Домот  за доенчиња во мали групни домови, Министерството за труд и социјала го реализираше со поддршка на Амбасадата на Велика Британија и Уницеф.

Децата  се сместени во прекрасен простор исполнет со љубов и топлина, за разлика од претходното сместување во голема и студена институција, изјави Рејчел Галуеј, амбасадор на Велика Британија.

Ваквите објекти, како што се малите групни домови, овозможуваат детето да развива односи како со родител,  да расте во семејна средина каде може да гради спомени, да доживее радост, задоволство и најважно од се,  да доживее љубов, изјави Бенџамин Перкс, претставникот на УНИЦЕФ.

Дел од објектите  се сопственост на Министерството за транспорт и врски, дел се изнајмени.

Сите 30 вработени од Домот за доенчиња во Битола се распоредени во малите групни домови и обезбедуваат  24 часовна грижа за бебињата

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ