Наместо почист воздух, граѓаните ќе добијат специјални маски за надвор

Наместо почист воздух, граѓаните ќе добијат специјални маски за надвор. Здравствените власти немаат стратегија за аерозагадувањето па ќе им делат маски на луѓето и така ќе се борат против загадениот воздух.

Скопјани скептично гледаат на таа мерка. Не мислат дека маските доволно ќе ги заштитат од отровните честички.

Министерството за здравство нема да воведе ниту вонредни мерки за спречување на здравствените последици од загадувањето.

На прашање дали и оваа година ќе даваат препораки наместо да понудат мерки – министерот Филипче откри само дека од неговиот кабинет анализираат кои се ризични категории на граѓани на кои најмногу може да им наштетат ПМ10 честичките.

Мерните станици за квалитетот на воздухот во Лисиче и Гази Баба се уште не работат. Другите кои се во функција, викендов запишаа и до 300 микрограми ПМ10 честички во воздухот.

„Загадениот воздух е најголема причина за предвремена смрт во речиси сите земји во Европа. Смртта на 1300 жители годишно во Македонија се поврзува со аерозагадувањето. Властите наместо да преземат итни и вонредни мерки, со загадувањето на воздухот се справуваат со вообичаените и секојдневни мерки.“

На детска клиника се уште не се зафатени сите болнички кревети. Пациентите ги лекуваат амбулантски, вели директорката Катерина Ставриќ. Според неа, нема простор за паника.

Загадениот воздух може да предизвика мозочен удар, срцеви заболувања или рак на белите дробови. Смртоносни болести кои заедно со хроничните и акутни респираторни заболувања ги демнат луѓето.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ