Наместо игралишта, во парк шумата Гази баба обид за изградба на плац за камиони

Ова е плацот на кој од четвртокот се раздвижени камиони и багери. Се реди тампон и се спрема изградба, најверојатно на паринг плац за тешки товарни возила. Уште од рано утрово механизацијата започнала да носи песок и чакал и да го подготвува теренот на кој е предвидено да има спортски игралишта и зеленило. Ова ги алармирало жителите од околните згради кои пријавиле во општинскиот инспекторат.

Двајца инспектори од град Скопје и од Гази Баба со асистенција на полицијата извршија увид на состојбата. И двајцата потврдуваат дека се работи за приватно земјиште, но на кое според деталниот урбанистички план е предвидено да има зеленило а не било каква градба. Уште поспорно е тоа што плацот се наоѓа на почетокот на парк шумата Гази Баба, што е заштитено подрачје.

На местото беше присутен човек кој се претстави дека плацот е негов и дека не се  работи за фирма. Но не дозволуваше снимање. 

Според дел од сведочењето на жителите пак механизацијата е на фирмата „Хитачи констракш“ од Скопје. Телма се обиде да контактира со сопственикот, но тој не беше достапен на мобилниот телефон.  За сега забрането е да продолжат градежните активности на плацот, а доколку не се почитуваат ќе има кривична пријава.

Жителите на Гази Баба пак се исплашени советниците од општинскиот совет да не го променат Деталниот урбанистички план и наместо игралишта тука да изникне паркинг плац.

Ова не е прв обид за изградба на ова земјиште. Уште пред неколку години имало обиди, но поради ДУП-от и заштитеното подрачје градбата била стопирана.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ