
Намалување на патните трошоци за сите функционери
Пратениците важат за дежурни виновници во земањето надомест за патни трошоци, но тие се само едно дрво во шумата. Огромен број анонимни функционери земаат поголеми надоместоци, а Законот не ги лимитира. Вака реагираат пратеници од различни пратенички групи на јавните прозивки за земање илјадници евра за доаѓање на работа со сопственото возило. Интегративецот Џевад Адеми одбива половични решенија кои не го решаваат прашањето и предлага целосно укинување на надоместокот за патни трошоци.
За споредба, Горан Милевски посочи колку трошеле некои претходни директори: ексдиректорот на Дирекцијата за класифицирани информации Александар Нацев месечно трошел 37 илјади денари за одела, обувки, парфеми и енергетски пијалоци и по 20 илјади за гориво, а директорот на Регулаторна комисија си вработил човек за паркирање на автомобилот.
Сегашните функционери, вели Милевски, се штедливи.
И покрај забелешките дека ова не е најдоброто решение, членовите на Комисијата за труд му дадоа едногласна поддршка на предлогот на СДСМ патните трошоци да се намалат од 30 на максимум 20 одсто, што практично значи не 10 туку 33 одсто намалување.
Измените на Законот за плата и надоместоци на функционерите како и на Законот за пратеници се на пленарна седница во понеделник. Потоа, СДСМ најавува Одлука со која надоместокот дополнително ќе се симне на 15 одсто. Усвојувањето е неизвесно бидејќи голем број пратеници тврдат дека тоа е неисплатливо.
Соња Николовска