
Намалени казни за собраќајни прекршоци, Спасовски тврди дека ќе се зголемат за „дивите“ и пијани возачи
Намалувањето на казните за сообраќајни прекршоци е заради обврската за усогласување со новиот Закон за прекршоци и е дел од владината програма за работа. Од друга страна за одредени прекршоци се предвидени посебни казни и посебни начини за казнување со цел сузбивање на сообраќајки со фатални последици, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Ние мораме да се усогласиме со Законот за прекршоци кој што е донесен, според кого некаде во ноември ние сите мораме да бидеме усогласени во делот на прекршоците. Казните се намалени и поради тоа што тоа беше еден од проектите во Програмата за работа на Владата. Трето новиот Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој денеска го потпишав и го доставив до Владата, таму постојат одредени прекршоци кои што пред се се однесуваат на возењето под дејство на алкохол, недавањето првенство на минување и прекумерната брзина, тоа се прекршоци за кои што се предвидени посебни казни и посебни начини за казнување се со цел да ги сузбиеме тие појави кои за жал ни се случуваат. Сите заедно ќе мораме да поработиме околу подигање и на јавната свест, а законот ќе биде само еден дел од решавањето на овој проблем, изјави Спасовски.