
Намалена побарувачката на дозволи за градење
Алармантно се намалува бројот на издадени дозволи за градење. Градежните компании стравуваат дека набрзо ќе се соочат со крах на бизнисот бидејќи не можат да ги реализираат проектите што на крај ќе резултира и со отпуштање на вработените. Статистика во март регистрира 211 одобренија за градба за разлика од 384 издадени лани, што е намалување од 45% . Од Градежната комора вината ја лоцираат во општините.
„Ова е катастрофално. Од искуството на фирмите коишто ги имаме во рамките на Коморите, ова се должни на неажурност, погрешно водење и пристап на политика во делот на општините кои поради водење на мораториум – ние не можеме да размислуваме на економски раст. Ние уништуваме и тоа што веќе сме го имале, а како би размислувале за приклучување во рамките према Европа или достигнување на некои стандарди“ кажа Ивица Јакимовски – Претседател на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори.
Иако рокот за издавање градежна дозвола е 20 дена доколку барателот ги исполнува условите и ја има комплетната документација,градежниците се жалат дека во пракса тој е четирипати подолг и никој во општинските сектори за урбанизам не понесуваат одговорност за тоа.
Погрешен потег велат тие е и мораториумот што општина Центар го стави во декември минатата година, со што ја стопираше реализацијата на сите донесени ДУП-ови и не издаваше нови дозволи за градење.
„Ова што се прави мораториум тоа е апсолутно неоправдано затоа што имало можност кога да се каже или да се бара. Мислам дека тоа не е во ред. Поука е дека не треба да се прават погрешни потези. Потребно е да се прават ДУП-ови со цел постигнување на подобри услови за живеење“
Според статистика најмалку дозволи за градба имаат издадено оптшина Карпош 1 и општина Аеродром две. Од Карпош признаваат дека роковите се прекршуваат поради бројот ан вклучени институции, почнувајќи од Градот, па до надлежните министерства. Од Аеродром пак убедуваат дека ги почитуваат роковите за издавање дозвола,но тие се намалени поради намалениот број ан барања од инвеститорите.
„Секторот за урбанизам во своето работење ги следи законските прописи и сите активности се реализираат во рамки на роковите кои ги одредува Законот за градење. Процедурата за издавање одобренија се одвива по електронски пат и секој чекор е евидентиран во системот Е-Дозволи“, кажаа од Општина Аеродром.
„Не може да стане збор за неажурна администрација бидејќи урбанизмот како област е жива материја која зависи од повеќе субјеќти: странки, соседи, инвеститор, надлежни институции и јавни претпријатија. Потребно е и странките да имаат поднесено правилна и целосна документација, со цел да се издаде одобрението во идеалниот законски рок“
Освен намален број на издадени дозволи за градба и намалена вредност на изградените објекти, статистика измери и намалување на вредноста на извршени градежните работи во странство и тоа за 61 % споредено со првиот квартал минатата година.
Петар Догов