
НАкС со обвинување до ректорите за мешање во синдикалното здружување
Притисок и уцена е дописот на ректорите до деканите и одговорните да се формира синдикат, реагира Независниот академски синдикат. Во дописот кој ректорите вчера го пратиле до деканите на јавните високо-образовни институции се бара формирање синдикат, кој би потпишал колективен договор за да се регулира покачувањето на платите во образованието. Професорката Најчевска вели дека станува збор за манипулација дека не може да се покачат платите без тие да формираат репрезентативен синдикат.
- Самиот овој допис и собирањето на ректорите од страна на Министерот претставува прекршување на законот на членот 195 од Законот за работните односи според кој што не смее работодавачот, а универзитетите се работодавачи, да се мешаат во синдикалното здружение и во работењето на синдикатот, вели проф. Мирјана Најчевска, Институт за социолошко правно политички истражувања.
Уште пред три месеци Независниот синдикат предложил колективен договор до министерот за образование кој содржи разработени принципи за градење системски промени не само за платите, туку и заштита на сите вработени во високото образование.
- Дијалог е потребен помеѓу вработените и работодавците, но на ваков начин да се урниса идејата за синдикално здружување е срамно, вели професор Горан Јанев, Институт за социолошко правно политички истражувања
„Во писмото од генералниот секретар на две места неспорно стои дека зачленувањето е доброволно. Во истото писмо се презентирани членови од законите каде е предвидено и дозволено синдикално организирање на ниво на работодавач, се вели во писмото на Ректорот на УКИМ, професор Никола Јанкуловски.
Јанкуловски додава дека во моментов, на сите јавни универзитети се формираат синдикати на ниво на работодавач, а потоа тие ќе се здружат во повисока форма на организирање – синдикат на јавни универзитети.
Нина Стефанова