Најголем до сега – Буџетот за 2019-та година ќе тежи 3,7 милијарди евра, повисоки плати за лекарите и администрацијата

Најгломазен досега, ќе тежи над 3,7 милијарди евра, дури 300 милиони евра повеќе од годинашниов. Министерот Тевдовски, како и лани, ги претстави главните контури на Буџетот за 2019 пред сите засегнати страни. Владата ќе го има последниот збор, веќе во четврток овој документ мора да се достави во собнраниска процедура. Приходите се 3,4 милијарди евра, и во нив се влезени и предвидените 25 милиони евра од прогресивниот данок. Буџетскиот минус ќе биде 2,5 отсто од БДП, министерот вели – секоја година постепено го намалуваме. Во сума – 288 милиони евра, парите за негово покривање ќе се обезбедат дел од од домашно задолжување, кое во нето износ ќе биде 150 милиони евра, дел од странски извори, а дел и од парите што останале непотрошени од еврообврзницата што Владата ја издаде на стартот на годинава. Нова еврообврзница нема да има, вели првиот финансиер. Јавниот долг в година ќе достигне 54,2 отсто од БДП.

Се најавува реформа на системот на социјална заштита.

Реформа на системот за социјална заштита, ова е можеби најнајавуваниот елемент во буџетот. Се предвидени за оваа намена во буџетот дополнителни 2,2 милијарди денари. Целта е да се реформира системот на социјална заштита за да се овозможи во Македонија да постои минимален гарантиран приход и семеен пакет на права, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Новиот буџет Владата го темели на очекуван раст од 3,2 отсто, вели, сакаме да бидеме реални, а не како претходниоците, прогнозите се сега се слични на оние на меѓународните институции. За овој раст се предвиделе дури 418 милиони евра за капитални инвестиции, најмногуи за патна, железничка, комунална и енергетска инфраструктура, но и во сикте други сектори, како и во ТИРЗ-овите. Клучните проекти кои беа забавени сега се откочени, вели министерот, тоа треба да ги турне напред капиталните инвестиции. Но кај експертите, уште има сомнежи.

И минатите години имаше високи капитални инвестиции, но не се реализираа целосно. Има ли механизам кој ќе се примени за да се реализираат капиталните инвестиции?, праша Благица Петрески од Фајнанстинк.

Паричната поддршка на фирмите за нови инвестиции продолжува, ќе биде 50 милиони евра, за активни мерки за вработување ќе одат 18 милиони. Владата сака в година невработеноста да ја сведе на 20 отсто. Бизнисот праша, дали власта за мерките се консултирала со приватниот сектор.

Дали се мисли на преквалификацуии, нема професионални заварувачи и други кадри, ќе дојдеме во ситуација странските инвеститори да не инвестираат не заради прогресивниот данок или што не сме членка на НАТО, туку затоа што има недостиг од кадри, рече Дијана Десподов, главен извршен директор на Американска стопанска комороа.

Повисоки плати за 10 отсто уште од јануари за лекарите специјалисти, со септемвриската плата за 5 отсто ќе имаат повисоки примања и сите вработени во јавното здравство. Од септември со нови 5 отсто на плата ќе се засилат и просветните работници и вработените во градинките, но и целата јавна администрација, таа да станела професионална и да го истерала добро преговорите за НАТО и ЕУ. Нивните синдикати, пак, уште незадоволни, бараат нови зголемувања, платата на просветарите уште е пониска од просечната.

Во Бугарија има дефицит од просветни работници, нашите уште имаат пониски плати од просечната, да не си заминат таму, вели Јаким Неделков, СОНК.

Не учествуваме во креирање на бодот, вели Грујовски од УПОЗ

Со пензиската реформа ќе се стабилизира пензискиот фонд, во 2019 за тој навреме да ги исплаќа пензиите ќе се префрлат 460 милиони евра, помалку од годинава. Земјоделците ќе добијат како субвенции 138 милиони евра, плус конечно зелената нафта, до 30 отсто помош за набавка на дизел за нивните трактори. Дополнителни 36 милиони евра ќе има за социјална и детслка заштита, или вкупно 166 милиони, за социјална пензија и за детски додаток за над 60 илјади деца, со цел најранливите категории да се извлечат од сиромаштија.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ