
Награди за екологистите што ќе убедат граѓани да не загадуваат
Наместо протести и поплаки одете од врата на врата – им порача власта на екологистите, но со заеднички став дека граѓаните треба да се греат на еколошки извори на енергија.
„Вие можеби повеќе граѓани ќе убедите, да се приклучат од штетен извор на еколошки извор. Зошто најштетно е за нивното дете дома, а после и за комшијата“ вели Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање
Неколку часа на заедничка маса им беа потребни на двете спротивставени страни да испланираат како до почист воздух. Активистите не се оптимисти и велат дека мерките на Владата против аерозагадувањето најмалку една декада нема да дадат резултат.
„Аерозагадувањето како проблем не е нешто што може да го решиме за кратко време, не е ниту нешто што може да го решиме ако се фокусираме само на една работа. Не можеме да кажеме дека еден ваков план сам по себе ќе ја реши работата. Не е магично стапче. И мора сите да бидеме свесни дека мора интензивно да се работи на ова прашање во следните 15 години, а можеби и подолго“ смета Ана Чоловиќ Лешоска од здружението „Еко-свест“.
Животна средина со одговор – ќе ве наградиме ако успеете да ги убедите граѓаните.
„Нудиме модел на повик да се приклучат граѓански организации коишто ќе бидат наградени по успешност, односно колку домаќинства ќе донесат коишто ќе ја променат печката од јаглен – на инвертор или на топлотна пумпа или ќе се приклучат на парно – за тоа ќе има награда“ кажа Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање.
Да не ги заборавите и да им помогнете на семејствата од импровизираните и трошни живеалишта, порачаа екологистите.
„Штом дојде грејната сезона и штом луѓето се соочат со студот тие се принудени да горат разни материјали. Од пластика, до иверка, до разни материјали и тоа се случува 24 часа на ден. Идеалното решение би било да се изградат монтажни објекти што ќе бидат и евтини и економични и термички ефикасни“ кажа Мартин Анастасовски од здружението за зелено општество „Гринер“.
Наредната недела во Скопје на гости ќе дојде претставник од Светската здравствена организација, задолжен за аерозагадувањето. Според мерењата на СЗО, Скопје е на листата на градови со најзагаден воздух во светот.
Петар Догов