
Надпартиски кандидати со партиски симболи
Симболите на партиите ќе ги придружуваат имињата на кандидатите на гласачкото ливче. Иако тројцата претседателски кандидати се декларираат како надпартиски и се кандидираа со поддршка на најмалку 10 илјади граѓани, побарале и добиле согласност од партиите кои им искажаа поддршка.
При утврдувањето на изгледот на гласачкото ливче, ДИК го прифати тоа што кандидатите го доставиле.
Дискриминацијата на кандидатите на социјалните мрежи тешко може да се контролира, вели Деркоски, по забелешките на ОБСЕ за вакви појави во првата недела од кампањата. Генералната оценка е позитивна.
ДИК констатираше дека 82 избирачки места во 28 општини нема да бидат отворени бидејќи на нив има помалку од 10 запишани избирачи, а селата Чашка во истоимената општина и Ќојлија во општина Петровец, целосно останале без гласачи.
На последните претседателски избори пред 5 години, бројот на неотворени избирачки места со помалку од 10 гласачи беше 57.
Соња Николовска