
Набиени автомобили, скршени стакла и прекин на сообраќај во тешката несреќа на автопатот Велес-Скопје на познатото ризично место
Под густа магла, расфрлани коли по меѓународниот автопат. По тешкиот судир на вкупно 6 возила, остатоците покажуваа дека повредените и вознемираните патници на секој начин се обидувале да се извлечат од автомобилите откако се судриле на подмрзнатиот пат утрово околу 8 часот. Со најсериозни повреди се соочува жена од Кавадарци која со тешки повреди на главата е префрлена на скопската КАРИЛ клиника каде е под опсервација и во тешка состојба. 38-годишната кавадарчанка попладнево им подлегна на повредите.
Уште две лица (сопругот на загинатата и нивната 10-годишна внука) се повредени и се префрлени во велешката болница.
На надвозникот првин се излизгало црно бмв, потоа камионче на приватна фирма закочило, а во него удрил друг автомобил. Кога патниците се обиделе да излезат ја отвориле вратата кон средината на коловозот и во отворената врата удриле уште два автомобили кои се обиделе да го избегнат патот. Местото каде се случила несреќата е позната критична делница на автопатот кој сега се вика Пријателство. Денеска имало и подмрзнат пат, а условите за сообраќајот биле отежнати и со слабата видливост. Увидот треба да покаже која е причината иако во Македонија пат веќе има претпоставки дека сообраќајката не е поради лош коловоз.
Поради несреќата на делницата имаше прекин на сообраќајот. Се пуштаа само заостанатите возила и камиони кои останале на отсечениот автопат.
По петчасовен прекин, автопатот беше целосно пуштен за сообраќај.
Дополнување: Попладнево уште еден повреден патник се пријавил во велешката болница поради повреди од сообраќајната несреќа.
Миомир Серафиновиќ