
На завршни зборови обвинителството се откажа од гонење на Шиповиќ
На чекор пред крајот на судењето Обвинителството се повлече од случајот Претседавач во кој беше обвинет и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ. После пет години го повлече обвинителниот акт за сите единаесетмина обвинети а судот само го констатираше она што го бараше Обвинителот.
Во доказната постапка е направено ново вештачење изработено од Бирото за судски вештачења. Во писмениот вешт наод и мислење кој опфаќа економски и машински дел утврдено е дека како појдовна основа за утврденото обезвреднување на имотот е дадена претходна проценка од овластен проценител, која според вештиот наод не била реална. Обвинителството утврди дека не е детектирано двојно книговодство, истовремено никој од осомничените немал материјална корист, ниту каков било вид на нематеријална штета. Оттука, е донесена и одлуката за повлекување на обвинението во овој предмет, соопштува Јавното обвинителство на РМ.
Шиповиќ со останатите обвинети обвинителството ги товареше за даночни малверзации во фирмата Машинопромет при што била оштетена и фирмата и државата. За многумина пак ова беше политички мотивиран процес особено што и самото име го поврзуваше со неговото претседателствување со советот на општина Центар. Предметот беше отворен само после неколку месеци откако ВМРО ДПМНЕ ја изгуби власта во Центар и покрај носењето на гласачи од Пустец и три повторувања на изборниот циклус. Сега по промената на власта во целата земја обвинителството се откажува, а тоа за Шиповиќ само го помогнало процесот за вистината да излезе на виделина.
Инаку за Шиповиќ се распиша меѓународна потерница и спектакуларно беше уапсен на аеродромот во Виена, враќајки се од приватна посета во америка. По ова со месеци лежеше во притвор. Тој и останатите веќе се жалат пред меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, од каде деновиве од македонската Влада е побарана информација до каде е целиот случај.
Билјана Николовска