На возовите од Кина им фалат седишта и прозорци

Набавени нови во периодот од 2015 до 2017 година, кинеските возови уште од прв ден имаат недостатоци и сообраќаат по пругите. Не пристигнаа кај нас онака како што се нарачани според тендерските спецификации.

Извори од Македонски Железници – Транспорт, за Телма открија дел што недостасува во дел од возовите. Една од гарнитурите има неквалитетни тркала, а друга има платформа која што не е изведена онака како што е договорено во цртежот.

Недостасуваат прозорци, недостасуваат и седишта во други гарнитури. Сето ова ќе биде надополнето, на трошок на кинеската компанија којашто ги испорачала фалични.

„Што се однесува до гарнитурите за патнички сообраќај купени од Кина, во блиска соработка со Владата, сериозно се залагаме за изнаоѓање на решение во најбрз можен рок– соопштија од Македонски железници – Транспорт АД.

Во најбрз можен рок, според изворите на Телма значи следната есен. 

Во јануари би требало да започне целата процедура ако се е во ред според документацијата и од МЖ Транспорт и Владата изнајдат решение како да се изведе целата работа.

Она што е интересно е тоа дека не постојат архивски документи според кои можат да се водат надлежните за да дознаат зошто возовите пристигнале со недостатоци, тврдат нашите извори.

Возовите ја чинеа државата 25 милиони евра, пари обезбедени преку Европската банка за обнова и развој.

Петар Догов

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ