На видиковецот кај Козјак ќе се гради ресторан, земјиште од 1.000 метри квадратни било купено за само 4 илјади евра во 2016

Ќе никне ли туристички комплекс на видиковецот над езерото Козјак, на местото кое мештаните го викаат Рудина, е енигма која ќе мора да се разреши во следниве денови. Телма беше на терен каде што може да се забележи дека на подрачјето во Јасен веќе се ископани темели за нов објект и се започнати градежните активности.

Она што се знае е дека инвеститор на ресторанот со другите придружни содржини ќе биде Влатко Костенчев од Аурора, кој земјиштето го купил за сума од точно 4 илјади и 150 евра, на површина од близу илјада метри квадратни.

Доколку се дозволи овде да се гради туристичко рекреативен комплекс, гостите сигурно нема да недостигаат, ќе бидат примамени од прекрасната глетка на езерото Козјак. Ова земјиште од точно 927 метри квадратни на кое веќе се почнати градежните активности е купено на јаво наддавање во 2016 година, за сума од нешто над 4 илјади евра, или по нешто помалку од 5 евра по метар квадратен.

Градоначалникот на Сопиште, Стефче Трпковски денеска беше зафатен за да одговори во камера како се случило овој атрактивен простор, кој притоа припаѓа и на висока безбедносна зона на земјава, да биде продаден за толку ниска сума. Не упати на службите на општината, кои објаснуваат дека во ноември 2012 година тогашниот Совет на општина Сопиште донел одлука за Урбанистички план вон населено место за Туристичко рекреативен центар Козјак. Земјиштето, пак, од високопланинско веќе било пренаменето во градежно. Врз основа на тој урбанистички план земјиштето потоа се дава на продажба на јавен оглас. Од општината тврдат дека тие не ја утврдиле почетната цена, туку таа е одредена со уредба на Влада, како и сите дотогашни, која се однесува со основна намена Б1, за мали комерцијални и деловни дејности, објавена во службен весник од 2016 година. На огласот имал уште еден заинтересиран, но тој на јавното наддавање не понудил повисок износ.

Ние како општина само го објавивме јавниот оглас. На тој оглас може да се пријави секој, ние не дискриминираме никого. Средствата од продажбата 80 отсто одат кај општината, а 20 проценти кај државата, велат од општина Сопиште.

Директорот на ЈП Јасен Новица Зечевиќ е исто затекнат од ситуацијата, откако ги констатирале градежните активности, за утре закажале состанок со градоначалникот на Сопиште. Клучните дилеми што мора да се расчистат е како е дојдено до тоа земјиште во сопственост на Јасен да се пренамени во градежно и општината да го даде на јавна лицитација. Ако се утврди дека се било според законите донесени од претходната власт, можно е инвеститорот да бара отштета, па затоа треба да се внимава.

Ако Министерството за жив средина во 2010 дало мислење дека нема разлика од земјиште за високо пасиште да се пренамени во градежно, Министерството за одбрана не дало никакво одобрение.

Ќе се активира и градежната инспекција за да се разреши мистеријата. Во меѓувреме, инвеститорот Костенчев не одговори на прашањата на Телма, а за весникот Независен одговорил дека се направил во согласност со законските норми, бидејќи како млад човек не сакал да замине во странство, туку да инвестира во оваа рурална средина.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ