На состанок пред владина седница ќе се одлучува за името на новиот директор на полицијата

Пред утрешната седница, владиниот врв и министерот Оливер Спасовски ќе го пеглаат името на кандидат за нов директор на Бирото за јавна безбедност. Ова за Телма го потврди и министерот Спасовски кој не прецизираше дали веќе избрал име на нов директор од неколкуте кои се вртат по медиумите како кандидати за наследник на Лазе Велковски.

„Разгледувам неколку предлози, не може да кажам дали сите се од МВР, утре ќе имате повеќе информации“, ни изјави по телефон министерот Спасовски.

Доколку се избере кандидат, Спасовски како министер ќе го предложи, а владата ќе го разгледува и ќе гласа за предлогот. Состанокот е за да се убрза постапката со тоа што ќе се утврди дали некој од кандидатите е прифатлив.

На дневниот ред за утрешната седница на владата се уште не е ставена точката за кадровскаи прашања меѓу кои е и изборот на нов директор на Бирото за јавна безбедност. Точно една недела Бирото нема директор и со него раководи заменик директорот Бесир Деари кој и покрај повеќе од една деценија на истата позиција имал проблеми во вршењето на функцијата, како што тврдат извори од МВР. Бирото за јавна безбедност инаку е најголемиот дел од МВР и во него спаѓаат оперативниот и униформираниот дел на полицијата, граничната полиција, сите полициски станици и сектори, специјалните единици, воздухопловната единица и одделите за криминалистика, истраги како и одделите за борба против организиран криминал и борба против нелегална трговија со дрога  шверц на оружје.

Иако една недела разрешен, биографијата на Лазе Велковски уште стои на веб сајтот на МВР, а меѓу имињата како можни нови директори беа спомнувани Сашо Тасевски, Кирил Митиќ, Тони Јакимовски, Миле Зечевиќ, Зоран Јовановски и уште неколку други. Дел од нив биле контактирани за да се испита нивниот интерес за топ позицијата во полицијата, додека други се спомнати во јавноста иако никој не им свртел да ги праша за функцијата.

Се уште не е откриено ниту дали снимките од прекршокот на Велковски, кој пратил службен џип да ја однесе неговата ќерка на одмор во авто камп во Грција, се направени од некој што случајно бил на повеќе локации или пак џипот бил следен низ Грција.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ