
На рударите им потребна повисока плата, младите не се заинтересирани да копаат руда
Македонските рудари стареат, а младите се помалку заинтересирани да копаат руда на седум километри под земјата. Првиот синдикалист на огранокот на МЕСО во најголемиот и најпрофитабилен рудник, Ване Насковски забележува дека безбедноста на овој рудник е на високо ниво, по протестите го добиле зголемувањето на платата, а во јануари очекуваат и нови 5 %. Според Насковски платите на рударите во јама се движат од 500 до 800 евра.
28 години ја транспортира рудата од јамата, Душко Тодоровски е избран за најдобар рудар во Саса. Смета дека враќањето на бенефицираниот стаж е најголемиот благодет за рударите.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска беше меѓу рударите, најавувајќи им дека од 1 јануари 2019 година почнува да важи бенефицираниот стаж. Според синдикатот во овој рудник веднаш ќе заминат во пензија околу 40 рудари.
Околу 12.500 рудари во земјава денеска ја слават својата заштитничка Голема Богородица. Рударството во Македонија учествува со 1% во БДП,а околу 9,5-10 % во индустрското производство.Вкупниот извоз од рудниците на обоени метали е околу 160 милиони долари ,а увозот е околу 60 милиони долари. Односот на увозот и извозот кај неметаличните суровини е многу понегативен.
Викторија Јованова