
На референдумот ќе гласаат сите државјани на Македонија
На референдумот ќе може да гласа и дијаспората. Гласањето, како и на изборите, ќе се организира во дипломатско – конзуларните претставништва. Ова го предвидува правилникот на Државната изборна комисија, кој беше усвоен денеска, на првата седница на комисијата, која ќе го спроведе референдумот. Потпретседателката на ДИК, која е претставник од ДУИ, се противи иселениците да гласаат во странство и ги повика за референдумот да си дојдат дома.
Членот од ВМРО ДПМНЕ потенцираше дека, не може да се ускрати законското право на дијаспората да гласаат, но треба да се обидат да ги намалат трошоците.
Заклучено беше дека, комисијата ќе ги испрати овие забелешки до Собранието, со цел, во иднина да се преземе нешто околу намалувањето на трошоците. Правилникот предвидува и целосно исклучување на партиите од процесот на организација, набљудување и контрола на референдумот. Од избирачките одбори ќе се исфрлат партиските претставници, а набљудување ќе вршат единствено овластените организации за набљудување.
За референдумот нема класична кампања, туку јавна пропаганда која ќе може да ја врши единствено Собранието. Пропагандата нема ограничувања и може да почне веднаш. Комисијата го усвои и роковникот, според кој увидот во избирачкиот список почнува од 9-ти август и ќе трае 15 дена. Новите членови си го намалија износот што им следува за кафе и вода на седниците за 50 проценти, а најавија и кратење на сите останати трошоци за време на нивната работа.
За првпат, членовите од ДУИ и БЕСА зборуваа на албански јазик, иако Законот за употреба на јазиците се уште не е донесен, а постоечкиот закон предвидува , седниците на ДИК да се водат на македонски јазик.
Далиборка Дамјанска Цветановска