
На првиот ден на либералниот пазар трговците коректни – нема ценовни шокови
На првиот ден на кој можат самостојно да ги одредуваат, големите трговци со исти цени на горивата, се покажа дека не се случија никакви ценовни шокови. Најголемиот дистрибутер Макпетрол уште вчера ги објави цените, бензините 95 и 98 ги продава поевтино за еден денар и чинат 71 и 73 денари, а дизелот поскапува за половина денар и се продава по 64 денари за литар.
Само некои од помалите трговци, пак, излегоа со малку повисоки цени на бензинот.
Иако пазарот сега е либерален, компаниите покажаа коректен однос и граѓаните купуваа гориво по исти или слични цени и доколку се применеше старата методологија, велат од Владата.
Задоволни, најавуваат дека и со новите правила власта ќе го почитува концептот на конкурентност и ќе воспостави само максимален плафон,
а под него компаниите ќе можат и да ги намалуваат цените, ако сакаат поголема продажба.
„Државата единствено ќе направи цена на плафон, максимална цена, со цел да ги заштити граѓаните од евентуално монополско здружување, што не можам да кажам дека постои и морам да кажам дека компаниите коректно ги поставија своите цени во овие денови, за што ние како Влада сме им благодарни и видовме дека имаат чувство за пазарот, оттука и ние како Влада нема да бидеме ригорозни при регулирањето на пазарот, напротив, ќе оставиме колку што може тој да биде либерален“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Регулаторната комисија за енергетика најмалку една недела нема да може да ги одредува цените, бидејќи навреме не се донесе новата методологија. Од таму вчера ги предупредија компаниите да не ја користат ситуацијата, што тие денеска го покажаа на дело.
Очекуваат оваа недела во Собранието да се изгласаат измените на Законот за енергетика, по што идната недела таа ќе ги донесе новите правила.
Со неа, најавуваат, цените ќе останат на слично ниво и ќе се формираат врз основа на движењата на светските берзи и курсот на доларот, а ќе мора да се земаат предвид и трошоците на трговците за набавка, транспорт, како и нивната маржа.
„Регулаторната комисија за енергетика е внимателна, комплетно во нејзини ингеренции е да ја направи методологијата, тие овие денови топа внимателно го следат, и затоа во законот е оставен простор и можност да РКЕ може да ја направи методологијата за да ги ограничи цените доколку видиме дека тие почнуваат неразумно да растат на пазарот. Но, повторувам, од она што можеме да го видиме деновиве, цените се исти или слични како според старата методологија“, вели Анѓушев.
Старата методологија престана да важи откако по 20 години истече договорот со ОКТА, за која регулаторите сега велат дека била коректна во делот на утврдување на цените на горивата, а штетна само за обврските за мазутот.
Со новата методологија регулаторите ќе ги утврдуваат цените на една, наместо на две недели како што беше досега.
Нина Нинеска-Фиданоска