На повидок се избори во јули

На повидок е договор за избори во јули. За точниот датум од партиите не сакаат да зборуваат, но компромисот се наѕира од изјавите. Од ВМРО ДПМНЕ потврдуваат дека комуницираат со останатите партии, но за датумот велат дека е неблагодарно да зборуваат во моментов.

Во врска со правните дилеми за тоа, како ќе биде поставен новиот датум, Николовски вели дека има начин да се решат.

Дека има правни решенија сега смета и претседателот на Собранието, но го чека датумот од партиите за да се изјасни. Една од можностите е, Џафери да ја смени одлуката за избори на 12 април со договорениот датум, преку измена и дополнување на административниот документ.

И техничкиот премиер денеска повторно повика на консензус.

Последниот предлог на владејачката партија наводно е 5 јули, иако дел од членството не го сака датумот на кој еднаш веќе изгубија избори. Но, со него би се овозможиле 35 дена за подготовка на изборниот процес, што е и барање на ДИК. Овој датум е најпосакуван и од ДУИ, кои не прифаѓаат избори подоцна во текот на летото.  За опозицијата е поприфатлив датум во втората половина на јули. Дека овие избори би можело да се одржат во јули, шпекулираше и косовскиот премиер Албин Курти, само неколку дена по телефонскиот разговор што го имаше со Спасовски.

Важно е договорот да биде постигнат до 30 мај, кога истекува вонредната состојба. Од тоа ќе зависи и дали ќе има нова лидерска средба. Од кабинетот на Претседателот велат дека, средба ќе биде свикана само доколку од партиите ги  приближат ставовите.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ