Улична расправија меѓу портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник на СДСМ

Се поздравија пријателски, па се испокараа. Враќајќи се од прес-конференција пред Јавното обвинителство, портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски, налета на пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов кој, пак, и` се обраќаше на јавноста од пред зградата на опозициската партија. Почнаа жолчна расправа околу референдумот.

Претходно, Стоилковски соопшти дека ВМРО ДПМНЕ воопшто нема да преговараат за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени. Вели дека, според законите и Уставот, референдумот не помина и не смеат да се прават понатамошни чекори кон легализација и вметнување на Договорот во правниот систем.

Портпаролот ги повтори условите за вонредни избори, што уште прексиноќа ги соопшти партискиот претседател Христијан Мицкоски.Тоа се техничка влада, Јавен обвинител на предлог на опозицијата и Анкетна комисија за референдумот. Овие услови, пак, не се прифатливи за СДСМ.

Костадинов обвини дека, зад овие услови на Мицкоски всушност се крие барање за амнестија на поранешниот премиер, Груевски. Потврди дека, од СДСМ се уште не испратиле покана за преговори и ја отфрли можноста за тајно гласање во Собранието, што деновиве се пласира во медиумите, како заштита на пратениците од ВМРО ДПМНЕ кои би сакале да гласаат „за„, но стравуваат од јавна осуда во својот политички кампус. Вели дека гласањето мора да биде јавно, затоа што нема потреба од криење.

Проценките се дека на парламентарното мнозинство треба да обезбеди уште девет пратенички гласа за да почне постапката за уставни измени. Истото мнозинство потоа ќе биде потребно и во финалната фаза од измените на Уставот. Но, според изјавите и од двата табори, на повидок е нова политичка криза. Двотретинското мнозинство е тешко остварливо, но и на вонредните избори ќе им предничат еден куп проблеми.

Далиборка Демјанска Цветковска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ