
На потрошени 10 000 денари со фискални граѓаните ќе вратат 270 денари во декември
Трката за повраток на максимални 7200 денари ДДВ почнува од први јули. 15 проценти од собрани 48 000 денари ДДВ на крајот од годината е конечната формула која ја соопшти премиерот придружуван од министерот за финансии и директорката на УЈП. Единствената бројка која тие не ја соопштија е дека секој поединец треба да потроши максимални 260 илјади денари во годината со фискални сметки за да врати 7200 –те.
Според достапните податоци на заводот за статистика сумата која треба да се потроши е идентична со просечната плата во Македонија. Но, ако се одземат трошоците кон банките за кредити, сметките за комуналии и услуги кои УЈП нема да ги признава тогаш граѓаните е потребно да заработуваат повеќе, и да трошат 260 илјади денари на гардероба, бела техника или да пазарат во маркети, бидејќи пазарите се уште не се фискализирани. За богатите и нивните луксузи нема место во оваа владина мерка.
Внимавајте една сметка да не поминува повеќе од 30 илјади денари е укажувањето од управата . Сметките се чуваат, а кодот се внесува во апликација на мобилен апарат.
За оние кои немаат „паметни телефони“ сметките ќе можат да ги однесат во подрачните единици на УЈП во секоја општина каде што ќе бидат инстализирани уреди за скенирање.
Според Заев кој контурите на мерката ги соопшти уште пред три години во изборната кампања целта е на овој начин да се мотивираат граѓаните да купуваат само од дуќани што издаваат фискални сметки, така тие самите ќе станат даночни инспектори и ќе помогнат да се намали големата даночна евазија, која е раширена насекаде, особено во угостителството и градежништвото.
Кога пред изборите ја најави мерката Владата вети дека кај секое домаќинство годишно ќе се вратат до 500 евра, но сега пресметките говорат дека за да ја добие таа сума, семејството ќе треба за една година да потроши над 18 илјади евра на фискални сметки.
Павле Беловски