На пензионерите со закон ќе им се олесни регистрацијата во УЈП, ама не се кажува како

На неполни два месеци пред истекот на законскиот рок за регистрација во електронскиот систем, даночните власти најавуваат дека многу брзо ќе излезат со законско решение, кое ќе значи олеснување за пензионерите што земаат само пензија, а не и друг приход. Директорката на УЈП, Лукаревска, не сакаше да обелодени повеќе детали на кој начин тоа ќе се постигне и дали пензионерите ќе бидат изземени од обврската да се регистрираат преку комјутер, а потоа да го поднесуваат барањето на шалтерите на Управата.

Во меѓувреме во системот технички проблеми, изминативе неколку дена граѓаните не можеа да пристапат кон електронскиот систем за да се регистрираат. Лукаревска е свесна за преоптовареноста на системот, вели не е прв пат тој да падне, тоа се случувало и во минатото. Проблемите ги очекувавме, додава, бидејќи е прва година од реформата, но ние, иако со недостиг од кадри во ИТ секторот, ќе одиме до крај и слабостите во од ќе ги менаџираме.

Мобилните екипи на УЈП секојдневно се на терен. Дали одиме кај даночни обврзници, мали, средни и големи дали одиме во сите министерства, имаме контакт со огромен број лица кои треба да се регистрираат. Некаде оди поспоро, некаде побрзо, меѓутоа кога станува збор за една ваква реформа сепак треба да се има предвид дека тешкотии ќе има, меѓутоа на крајот ќе се види резултатот, јавноста ќе се увери дека се ќе биде во ред, вели Лукаревска.

На граѓаните им се на располагање и 11 шалтери во регионалната дирекција на УЈП во Скопје, како и телефонските линии на тимовите на терен, за да се надминат проблемите. За регистрацијата е побарана помош и од сите опшштини, да обезбедат простор и потребна техника.

Даночниците се подготвени за новиот прогресивен данок кој ќе стартува од идната година

УЈП е имплементатор на прогресивното оданочување, кое го сметам за доста праведно. УЈП е подготвена и мора да биде подготвена. Секако како и досега се случувало не е првпат да падне системот. И претходно во минатото сме имале такви технички проблеми од ИТ аспект и се надевам дека ќе имаат разбирање обврзниците, вели Лукаревска.

За можната даночна евазија и префрлање на парите во странство поради повисокиот данок, за кој алармираа бизнисмените, Лукаревска вели дека УЈП е во постојана комуникација со даночните власти од регионот, а контроли се прават постојано, и на документацијата на обврзниците, и по допрен глас, и по анонимни претстасвки.

Од стартот на идната година УЈП електронски ќе ги селектира даночните обврзници кај кои ќе се врши контрола, преку системот за проценка на ризик, што ќе го намали човечкиот фактор и субјективноста при одредувањето кои обврзници ќе се контролираат.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ