Македонија На местото на вооружениот Ќосе, пред скопските судови ќе никне дрво
На местото на вооружениот Ќосе, пред скопските судови ќе никне дрво. Градските власти најавија дека откако ќе го тргнат и постаментот ќе засадат дрво на човекови права. Ноќната акција за дислоцирање на споменикот, Шилегов ја оправда со избегнување на сообраќаен хаос на прометната раскрсница пред комплексот судови.
Имаше и граѓани кои беа против тргањето на споменикот, но не сакаа јавно да зборуваат, додека останатите сметаа дека пред Врховен суд не е соодветно место за споменик на кој е прикажан Андон Лазов Ќосето со исукана кама и пушка на рамо.
На постаментот стоеја шарени дамки од фрлената боја на Шарената револуција, но и изгорени свеќи кои во чест на претставениот лик на Ќосето ги запалил Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.
Запалив свеќи пред осквернавениот споменик, за да и светне на Владата, впрегната во мракобесието на антимакедонизмот, каде ја води државата и нацијата, напиша во Фејсбук статус Тодор Петров.
Решението со кое е утврдено дека споменикот е дивоградба и наредбата за дислоцирање ое од пред три дена и ја потпишал градежниот инспектор во општина Центар Милан Пижула, кој истата функција ја вршеше и во 2014-та кога беше поставен споменикот. Споменикот е однесен во кругот на фабриката МЗТ и донаторот Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради има право да го подигне во определен рок.
Доколку не си го земе, Шилегов најави продажба. Ташко Јованов од здружението не одговори на нашите повици. Се води постапка и за други споменици, се проверува дали се дивоградби, а истраги за сомнителни набавки вршат и СЈО и обвинителството за организран криминал. Вистинскиот Ќосе бил дел од историското ВМРО, ги извршувал смртните пресуди на организацијата, и прибирал пари за оружје, често со киднапирања на богати. Живеел 98 години и умрел во Бугарија.
Неговиот споменик пред судот остана 3 и пол години и за Шилегов денешниот настан значи пресврт против како што оцени самоволието на претходната власт.
Миомир Серафиновиќ



