На местото на вооружениот Ќосе, пред скопските судови ќе никне дрво

На местото на вооружениот Ќосе, пред скопските судови ќе никне дрво. Градските власти најавија дека откако ќе го тргнат и постаментот ќе засадат дрво на човекови права. Ноќната акција за дислоцирање на споменикот, Шилегов ја оправда со избегнување на сообраќаен хаос на прометната раскрсница пред комплексот судови.

Имаше и граѓани кои беа против тргањето на споменикот, но не сакаа јавно да зборуваат, додека останатите сметаа дека пред Врховен суд не е соодветно место за  споменик на кој е прикажан  Андон Лазов Ќосето со исукана кама и пушка на рамо.

На постаментот стоеја шарени дамки од фрлената боја на Шарената револуција, но и изгорени свеќи кои во чест на претставениот лик на Ќосето ги запалил Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.

Запалив свеќи пред осквернавениот споменик, за да и светне на Владата, впрегната во мракобесието на антимакедонизмот, каде ја води државата и нацијата, напиша во Фејсбук статус Тодор Петров.

Решението со кое е утврдено дека споменикот е дивоградба и наредбата за дислоцирање ое од пред три дена и ја потпишал градежниот инспектор во општина Центар Милан Пижула, кој истата функција ја вршеше и во 2014-та кога беше поставен споменикот. Споменикот е однесен во кругот на фабриката МЗТ и донаторот Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради има право да го подигне во определен рок.

Доколку не си го земе, Шилегов најави продажба. Ташко Јованов од здружението не одговори на нашите повици. Се води постапка и за други споменици, се проверува дали се дивоградби, а истраги за сомнителни набавки вршат и СЈО и обвинителството за организран криминал. Вистинскиот Ќосе бил дел од историското ВМРО, ги извршувал смртните пресуди на организацијата, и прибирал пари за оружје, често со киднапирања на богати. Живеел 98 години и умрел во Бугарија.

Неговиот споменик пред судот остана 3 и пол години и за Шилегов денешниот настан значи пресврт против како што оцени самоволието на претходната власт.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ