
На месец дена од бегството разгледница од Груевски од Будимпешта
На социјалните мрежи се појави фотографија на која се гледа бившиот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, како се шета низ Будимпешта.
Зад него стои човек што многу личи на Александар Трајковски, член на ВМРО-ДПМНЕ, инволвиран во случајот Шамарите од Центар.
Груевски пред точно месец дена се огласи од Унгарија, каде што побегна и каде побара и експресно доби азил.
И по месец дена никој од власта не презема одговорност, ниту некој од функционерите пак понудил политичка и морална одговорност. Според премиерот Заев, во МВР веќе се води истрага за која тој е информиран и за која најави дека наскоро и јавноста ќе биде информирана.
Отчетност и одговорност од функционерите што дозволија бегство на Никола Груевски побараа 14 невладини организации. Тие ги посочија како одговорни Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање и Кривичниот суд за што се неопходни итни и темелни истраги за нивното постапување.
Организациите побараа истрагите итно да завршат, и тоа во рок од 10 дена, и да се утврди одговорност за пропустите, евентуалното непостапување или соучество. Во спротивно се бара политичка одговорност на највисоките функционери. Исто така, граѓанските здруженија апелираа да не се поткопува ЕУ перспективата на Македонија, која зависи од владеењето на правото.