На Македонија и треба прогресивен данок

На Mакедонија и треба прогресивен данок. Само така можат да се зголемат буџетските приходи и да се намали социјалниот јаз. Професорот Поповски сугерира стабилизиација на даночната политика а не нејзино менување на секои пет години.

Охрабрена од смирувањето на политичката криза и поминување на првиот филтер од уставните измени, владата брзо ќе го поднесе законското решение за персонален данок и ќе воведе прогресивна даночна стапка од 10 и 18 % за приносите од труд и една средна стапка од 15 %  за капиталните приноси. Иако сеуште е несигурен прагот над кој ќе важи повисоката стапка, професорот Никола Поповски вели дека рамниот данок треба да се напушти, бидејќи ги крати буџетските приходи и го продлабочува проблемот со растечките социјални разлики. Ваков модел додаде тој, е карактеристичен за популистички и конзервативни власти.

Еден процент од населението зема 14,4 % од вкупниот доход во земјата, тоа е најстрашно во Европа, никаде нема 1 % да зарабоптува толку. Значи Македонија со пропорционалната стапка на персонален данок ги зголеми социјалните разлики, вели професорот Поповски.

Перспективите во даночната политика се прилично нејасни вели Поповски, бидејки 25 години наназад моделот на оданочување го менуваме во просек на секои пет години. Даночните обврзници се несигурни во системот, дали стапката ќе биде прогресивна или пропорционална и затоа неопходно е, вели тој, даночната политика да се стабилизира и да се внесе поголема сигурност

Дали може да издржиме со данок од 10 % на персоналните примања или треба да одиме на 20-30, зашто таквото оданочување нас ни носи проблем со прибирање на јавните приходи. Ние мора еднаш да решиме колку високи приходи ќе имаме за државата, кои, како и колку јавни добра ќе финансираме, смета Поповски.

Македонија е најдолу на листата според вкупните приходи што ги собира како процент од БДП, односно 27,8% за разлика од европскиот просек од 41 %. Зад нас се единстевно Косово и Албанија. Бизнисот неодамна побара владата да ја одложи даночната реформа за најмалку пет години, бидејќи ефектот од зголемувањето на буџетските приходи ќе биде далеку помал од негативните последици врз бизнисот.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ