На ДКСК и се врзани рацете за финансирањето на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, и ревизорите немаат одговор што понатаму

Пенкалца, маички, капчиња и запалки со ликот на Гордана Сиљановска Давкова и логото на ВМРО-ДПМНЕ останале неплатени уште од предизборната кампања за претседателските избори. Партијата и должи на фирмата Полиестердеј која го печатела рекламниот материјал, а таа пак и должи на МОНТ на Орце Камчев, оти дел од стоката ја набавила од неа. ВМРО-ДПМНЕ нарачала вкупно 1.312.700 парчиња рекламен материјал во вредност од повеќе од половина милион евра, но исплатила само 185 илјади евра на Полиестердеј. Остатокот од 370 илјади евра останал неплатен а специјалната предизборна сметка затворена, велат од УЈП.

Партијата склучила договор со Полиестердеј од каде добила седум фактури на вкупно 550 илјади евра. Според договорот на кој потпис ставил секретарот на партијата Игор Јанушев  промотивниот материјал требало да се плати во рок од два месеци по добивање. Платени се околу 185 илјади евра додека остатокот од 370 илјади евра не се исплатени.

Ова го утврдиле инспекторите на УЈП кои уште во септември почнале да ги истражуваат двете фирми во земјава и една во Шпанија. Сега и Полиестердеј е должник кон МОНТ на Камчев во вредност од 320 илјади евра за тоа што дел од материјалот го купила од таму. Дел е купен од шанската Горфактори, но инспекторите утврдиле дака 160 илјади евра им се целосно исплатени. Се огласи ВМРО-ДПМНЕ која порача дека почнала да си го плаќа долгот.

Долгот е во рамки на дозволеното салдо и сите законски норми се запазени. СДСМ наместо да ги злоупотребува институциите за партиска пресметка да каже зошто се уште им е неподмирен долгот од 2.5 милиони денари од претседателската кампања на Стево Пендаровски и зошто институциите не смеат да зборуваат за тоа. Очекуваме МВР на Спасовски и УЈП на Лукаревска да се охрабрат и да го истражат случајот со долгот на СДСМ, но и да поведат соодветна постапка пред органите на системот,

велат од таму.

Ова доаѓа после ревизорскиот извештај за финансирањето на предизборната кампања. И МВР пред неколку денови обелодени дека влегла во двете фирми за да го истражи финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Сега УЈП ја известило и антикорупциската комисија која по новиот закон има право да ги истражува капмањите. Но од комисијата велат дека за сега рацете им се врзани оти не се работи ниту за скриено финансирање, ниту за непријавена донација. Топката ја префрлаат кај ревизорите кои треба да ги истражуваат и редовните сметки на партиите оти сега овој долг би се префрлил како долг на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. До сега државниот завод за ревизија беше без директор па не се знае дали и како ќе постапува.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ