На +33, ЈСП вози без клими, патниците се ладат со отворени прозорчиња

Претпладнево околу 11 часот најголем дел од двокатните автобуси на ЈСП возеа без уклучена клима иако на уличните термометри, покажуваше дека температурата е над 30 степени.

-Имам клима, но не работи. Најголем дел од автобусите имаат проблем со каишите (ремени) поради што не може да ја вклучат климата. Постојано се известува за тој проблем, но досега нема промена, ни рече возач на ЈСП автобус кој сообраќаше на линиите по Партизанска.

Внатре патниците ги отвориле прозорците за да влезе воздух и да се создава провев кој ќе ја намалува температурата.

Од ЈСП велат дека вкупно во 12 автобуси има дефект на климатизери и се преземаат мерки за надминување. Возачите одлучуваат кога да пуштат климатизери, а некогаш патниците бараат или да се изгасне климата или да се пушта кога нема потреба, објаснуваат од прес службата на претпријатието.

-Набавени се и ремени и се врши замена. Сите потребни резервни делови се набавени автобусите се сервисираат редовно во гаражите, ни изјавија од ЈСП.

На прашање на сајтот на ЈСП поставено од граѓанин за како се вклучуваат климите и од кој датум стои следниот одговор:

-Климите во значителен број автобуси веќе се вклучуваат. Дали ќе се вклучи клима или не, е проценка/одлука на возачот.

Во периодот околу 11 часот, репортерот на Телма на целиот Булевар Партизански одреди забележа само еден автобус кој имаше пуштено климатизер и возеше со затворени прозори.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ