
На 3.180.000 евра ја зголемил кауцијата- Орце Камчев за да му ги вратат пасошите
Адвокатите на Орце Камчев ја дополниле понудената гаранција во жалбата пред Апелациониот суд од кој бараат да му ги врати одземените пасоши на осомничениот во Империја, а сведок и оштетен во случајот Рекет. Рочиштето во Апелација ќе се одржи утре.
Откако во ноември, скопскиот кривичен суд го одби барањето на Камчев со понудена кауција од имот вреден 2,2 милиони евра, во жалбата до второстепениот суд тој ја зголемил сумата за уште цел милион евра. Во постапката тој на првично понудениот имот, фабрика во Делчево и деловен простор во центарот на Скопје, дополнително пред апелација понудил уште дуќани во главниот град кои се во сопственост на фирми на Камчев.
Пасошите на Камчев, македонски и бугарски, му се одземени во рамките на истрагата Империја каде бизнисменот е осомничен за повеќе дела заедно со уште десетина други лица меѓу кои и Мијалков. Првичната процена на штетата нанесена во Империја е околу 12 милиони евра, тврдеше СЈО.
Подоцна беше откриено дека зад укинувањето на притворот на Камчев за Империја се крие случајот Рекет за што се обвинети поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски- Боки 13.
Миомир Серафиновиќ