
МЗТ оствари три од три во „Јане Сандански“, во продолжение го скрши отпорот на Ловќен
МЗТ Скопје го обезбеди третиот триумф во кошаркарската АБА 2 лига. За три од три пред своите гледачи падна и Ловќен кого во драматичен финиш го совлада со 100:90 по едно продолжение во рамките на четвртото коло.
Македонскиот вицепрвак го скрши отпорот на гостите од Цетиње во дополнителните пет минути кои ги доби со убедливи 21:11. Гостите го контролираа резултатот до 30 минута а во последниот период влегоа со предност од 64:59. Во него МЗТ Скопје беше поуспешен со 20:15 по серијата од 14: 4 а со двата поена на Џејмс Вудард на 28 секунди пред крајот се избори за продолжение во кое конечно го скрши отпорот на црногорскиот состав.
Пет играчи во редовите на тимот од „Јане Сандански“ беа двоцифрени. Лестер Медфорд со 22 поена беше најефикасен, пред Џејмс Вудард со 17, Љубомир Младеновски со 14 и Иве Иванов со 13 поени, додека Андрија Бојиќ мечот го заврши со 12 погодоци. Кај гостите Алекса Поповиќ беше најефикасен на средбата со 33 поена, но беше трагичар на крајот поради промашениот удар за победа во регуларните 40 минути.
МЗТ Скопје сега има учинок од три победи и еден пораз а во пресрет на гостувањето кај босанскиот претставник Зрињски за седум дена во моментов пред да се комплетира колото е третопласиран со седум бодови.